top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

Автомобилската индустрија ги менува плановите за електрични автомобили


Пред некоја година, не можеше да помине ден а да не видиме некоја вест од автомобилските производители дека до 2030, или 2035 година во некои случаи, електрификацијата целосно ќе ги обземе сите нивни модели, и ќе нудат само електрични возила на глобалните пазари.


Но, во изминативе неколку месеци, речиси сите брендови почнаа да се повлекуваат од заклетвата. Еден по еден, многу од нив ги одложија своите планови за електрични автомобили, и изјавија дека ќе ги заддржат хибридните возила и моторите со внатрешно согорување уште малку подолго. Што се случи? Како дојде до оваа промена?


Намалена побарувачка на електрични автомобили

Hyundai Ioniq 6 1
Hyundai

Побарувачката за електрични возила едноставно се намали. Многу од купувачите не можат да си дозволат електрични возила поради нивните значително повисоки цени во однос на нивните бензински пандани. Иако допрва треба да пристигнат првите подофатни електромобили (Cupra Raval, VW ID.2, Renault Twingo и Renault 5 итн.), цените се уште доволно високи за многу од купувачите да не можат да си ги дозволат.


Проблеми со инфраструктурата

Mercedes-Benz EQS 1
Mercedes-Benz

Иако се работи макотрпно да се подобри ситуацијата, многу држави во светот и понатаму имаат проблем со инфраструктурата. Тоа особено важи за земјите во развој (нели, како Македонија), каде што освен што интересот за ЕВ е минимален, инфраструктурата едноставно не е на ниво што би дозволило електричниот автомобил да биде единствениот автомобил.


Реакцијата на автомобилската индустрија

Honda CR-V eFCEV 1
Honda

Сето ова, во комбинација со желба да се истражат алтернативите, доведе до една забележлива промена во размислувањата на брендовите: плановите за електрични возила се забавени, а фокусот сега оди на хибриди и на алтернативни решенија за горивото во постоечките ICE.


Новата стратегија и новиот фокус се забележуваат насекаде во индустријата моментално. Нови соработки за мотори на внатрешно согорување, V12 мотори кои одат до 9.500 вртежи во минута, посветување на хибридните погонски системи и дозволување пазарот и побарувачката да одредат што всушност треба да ги придвижува тркалата на еден автомобил.


Што значи сето ова?

Toyota GR Yaris 1
Toyota

Да ви кажам искрено, очекував дека вакво нешто ќе се случи. Еднодимензионално трчање кон една технологија и игнорирање други технологии, и игнорирање на можноста да го подобриме тоа што веќе го имаме, е погрешна стратегија.


Што е сега следно? Откако автомобилските производители видоа на потешкиот начин дека стратегијата е погрешна, веројатно е дека нема сега да има толку голем push за електрични возила, но тие ќе останат актуелни и понатаму. Иако не можеме да знаеме за сигурно, јас мислам дека производителите се посветуваат на хибридите, и зад затворени врати разгледуваат опции како да се продолжи векот на моторот на внатрешно согорување со нови, обновливи горива.


А кои се тие обновливи горива?


Водород и eFuels


Alpine Alpenglow Hy4 Concept 1
Alpine

На бојното поле за обновливите горива се борат водородот и синтетските горива, или eFuels. Водородот, кога се користи за внатрешно согорување, нема речиси никакви штетни емисии, и е најзастапениот елемент во универзумот, но сеуште треба да се разгледаат сите ризици и како може да се спречи безмалку катастрофа.


Porsche 911 GTS 2025 1
Porsche

Од друга страна, синтетските горива или eFuels, во кои најголем верник и инвеститор во моментов е Porsche, го користат јаглеродниот диоксид кој е веќе во атмосферата, и со хидролиза се создава гориво чии емисии се јаглеродниот диоксид кој претходно веќе бил во атмосферата, што ги прави јаглеродно-неутрални. Барем, тоа е планот, и тоа е наједноставното објаснување. :)


Porsche веќе ги произведува синтетските горива во мали количини, и ги користи за некои од нивните тркачки автомобили и слични настани. Европската унија е спремна да даде шанса на синтетските горива, само ако се докаже дека можат да бидат произведени во индустриски количини за компетитивна цена.


Mazda CX-60 1
Mazda

Автомобилската индустрија повторно се менува. Ако ме прашувате мене, моторите со внатрешно согорување ќе останат уште долго време, но ќе бидат поддржани од нови биолошки горива, како и некој елемент на електрификација.


EV Charger 1

Но сепак, ќе продолжат да постојат и електричните автомобили. Едноставно, на купувачите ќе им се даде избор помеѓу двете. Може и ќе дочекаме трета опција за биолошко гориво од друг извор. Не знам дали знаете но, биомасата на канабисот може да се користи за производство на гориво; биодизел може да се произведе од маслото од семето, додека биоетанол може да се произведе од стеблото.


Сѐ на сѐ, мислам дека автомобилската индустрија конечно ги согледува добивките од технолошки-неутралниот пристап, кој според мене е најдобриот можен пристап, особено во моментов со неизвесноста околу побарувачката на пазарот и инфраструктурата.

Comments


bottom of page